Меѓу другите, понапред спомнати дела од наследството на Јосиф Михајловиќ, мене ми падна чест да ги спомнам и двата проекта (за какви сум професионално врзан), а тоа се браната на река Треска со ХЕЦ Матка и каптажата на врелото Рашче за квалитетно водоснабдување на жителите на градот Скопје.
Сокол Клинчаров
Михајловиќ имал стручни и историски сознанија за потребата од брана на излезот од кањонот Матка како најпогодно место, па целиот свој авторитет го вложил во насока на реализација на проектот-од обезбедување на финансиски средства, до ангажман на соодветна фирма и инженерски кадар кои ќе бидат на ниво на задачата. Тој со претставници од централната власт формирал (1933г.) Стручна комисија составена од тогашни авторитети во хидротехниката, кои изготвиле вистинска Физибилити анализа за снабдување на Скопје со електрична енергија и од предложените 5 решенија едногласно ја избрале река Треска, локацијата Матка за изградба на брана и хидроелектрана. Дотогаш, одн.0д 1920-26г. Скопје се снабдева со струја од турската термоцентрала, адо 1933г.
Од хидроцентралата на река Пена кај Тетово, но сето преку концесионери клои имале монополски права и кои управо остро се спротвставиле на изградбата на ХЦ Матка. Откако Јосиф Михајловиќ успешно го одбранил проектот со Стучната комисија, успева да ги земе за Општината Скопје концесиските права за искористување на водите на река Треска за производство на електрична енергија и снабдување на градот за период до 1970 година. (Според податоците од тогашната штампа).
Пред изградбата на Матка, изградена е тнр. Калорична(Термо) централа со 2 дизел агрегати, заради обезбедување на градот во време до изградбата на Матка и потоа како резерва на истата за време на дефекти, лоши хидролошки услови и сл., а која би можела да се активира за само 2-3 часа.
Од државните финансиски институции добиени се потребните средства (36 мил. динари) Козорциумот од повеќе градежни фирми започнува со реализација на проектот под раководство на инж. Миладин Пеќинар во Јуни 1935 год.
Браната со хидроцентралата се завршени во предвидените рокови (средина на 1938, за неполни 2 и пол години и свечено осветени на 6-ти Јули истата година.
Интересни и за респект се визиите што уште тогаш ги промовирал г-дин Михајловиќ, за субституција на јагленот секаде каде што е можно, со хидроенергија,(овие години станува актуелно во светот), а освен енергетската придобивка со Матка, од исклучителна важност е нејзината улога во превенција од поплави на Скопје од сливот на Треска, која сега е комплетирана со изградбата на браните Козјак и Св. Петка и конечно, за водоснабдување на регионален план.
Извор рашче

Акумулацијата „Матка“ е најстарото вештачко езеро во Македонија. Од езерото водата се користи за добивање електрична енергија, но и за наводнување на околните села. Во ова езеро се наоѓа и подводната пештера Врело, една од најдлабоките пештери во Европа, со длабочина повеќе од 203 метри. Освен пештерата Врело, во кањонот на Матка се откриени и уште десетина пештери, од кои повеќето се наоѓаат на стрмна падина северно од Висок Рид односно при крајот на акумулацијата.
Подрачјето на кањонот Матка каде што е изградена ХЕЦ Матка претставува подрачје со високо ниво на биолошка разновидност, хетерогеност и ендемизам. Вкупниот број видови од фауната регистрирани на територијата на заштитеното подрачје кањон Матка (Споменик на природата), достигнува 1474, што претставува релативно високо ниво на разновидност на видови. Исто така е утврдено присуство на 58 ендемски видови безрбетници, од кои 13 видови се балкански ендемити, 26 видови се национални ендемити и 19 видови се локални ендемити.
За да ја разбереме подобро круцијалната идеја и заложба на Јосиф Михајловиќ за зафаќање на дел од изворот Рашче за снабдување на населението со питка вода од највисок квалитет, ви ги презентираме следните податоци кои се однесуваат на водоснабдувањето на целата планета:
Според извештајот на Меѓународната хидролошка деценија (1974г.), од вкупните количини на вода на Земјата само околу 2.53% припаѓаат на слатките (питки) води – или 35 мил.км3 и претставуваат најголем интерес за човештвото. Од овие количини на слатки води близу 70% одн. 24мил.км3 се акумулирани во ледниците на Арктикот и Антартик, на Азија, С. Америка, делумно и на Европа.
Околу 30% од слатките води се наоѓаат во водопропусните карпести маси под површината на теренот, како многу важни времени резервоари на атмосферските врнежи. До длабина од 2.000м. се наоѓаат цца 23.4мил км3, од кои 10.5 мил. км3 претставуваат слатки води. Независно од наведените релативни односи, количината на подземните води е огромна, 3.000 пати поголема од количините на води во сите реки, во било кој момент на време(B.J. Skinner, 1986). Затоа во перспектива гледано, подземните води без сомнение можеме да ги уврстиме во доминантен ресурс за водоснабдување на населението, земјоделието и дел од индустриските објекти.
Потребата од здрава вода за пиење денес е се поголема имајќи во вид дека во поголем дел на планетата таа е недостапна , а некаде квалитетот е нарушен до тој степен што тие води се штетни по здравјето на луѓето. Од тие причини фрапантна е бројката на 10 милиона смртни случаи, повеќе деца, кои умираат и скоро половина милијарда жители заболуваат од неквалитетна вода, сето тоа на годишно ниво.
Напред наведените факти ги имал во предвид Јосиф Михајловиќ уште во триесетите години на минатиот век, несакајќи да го остави населението на користење на ризични и несигурни ресурси, и го изградил како градоначалник зафатот на изворот Рашче и изворската вода ја сервирал до населението. Понатаму, во поновата историја водоводниот систем од Рашче е надградуван и претставува стратешки ресурс за околу 50% од вкупното население во РС Македонија.
Сепак, тогашниот градоначалник на Скопје Јосиф Михајловиќ ќе биде забележан како основополжник во современото, здравствено, безбедно и квалитетно водоснабдување со иницијативата и реализација на зафатот на врелото Рашче, што историски се покажа како врвен проект.
Инаку, изворот Рашче се дренира од подножјето на масивот Жеден, со просечна издашност од 5.20 м3/сек. на кота 300 м.н.в. што дозволува дистрибуција на водата по гравитачен пат, без додатни трошоци.
Според досегашните комплексни истражувања за потеклото на водата во подземната акумулација на Жеден, 70% доаѓаат од артеската изданска зона на Полог, 20% од алувијалната издан на река Вардар и 10% од атмосферските талози на Жеден. Тоа меѓу другото значи дека приоритет во превенцијата оз деградација на подземната акумулација на Жеден е воспоставување на одржлив систем на управување со цврстиот отпад, како и со комуналните и индустриски отпадни води во регионот.
Значи, проектот што го реализирал Јосиф Михајловиќ за водоснабдување на Скопје со водите од изворот Рашче, како футуристички проект, остава и мноштво обврски, пред се за одржливо користење на водата (кое патем не се почитува), како и на фактичка интегрална заштита на сливното подрачје на Рашче.