Лична исповед во прво лице на жената воин, за животот и смртта, војната, Србија и нејзината историја, од перспектива на жена борец која добила бројни и највисоки одликувања (Орден за храброст, Караѓорѓева ѕвезда со мечеви, медал „Милош Обилиќ“, единствената жена во светот одликувана со Францускиот воен крст со палма, два ордена на Легијата на честа…). Приказната започнува од нејзините младешки години, кои ги поминува во селото Копривница на планината Копаоник, со двете сестри, родителите и болежливиот брат. Целиот живот има изразена потреба да ги заштитува слабите и загрозените, па затоа во Првата балканска војна заминува на фронтот наместо нејзиниот брат, преправена во маж, под името Милун Савиќ. Бестрашна во секоја борба, најпозната како бомбаш, бидува ранета и нејзината тајна е откриена. Војската застанува зад неа и, иако тоа е спротивно на воените правила, ја задржуваат во единицата.

Милунка е ранета дури девет пати, во текот на седум години војување, добива дури дванаесет медали, а по демобилизацијата раѓа девојче, посвојува уште три ќерки и храни, воспитува и школува повеќе од триесет деца…
Високо ценета од француските воени великани Франше д’Епере, Шарл де Гол и вицеадмиралот Гепрат, во Србија завршува како чистачка во банка, а ноќе шие воени униформи. Милунка се грижи за десетици и десетици деца од копаоничките села. Самата за себе вели дека ова е – „исповед за животот од првата пушка до првата метла“.

Актерка:
Весна Станковиќ
Режисер:
Петар Станојловиќ
Текст:
Весна Станковиќ
НАГРАДИ:
Претставата е прогласена за најдобра на Меѓународниот фестивал на монодрама и пантомима во Земун во 2015 година и го добила признанието од публиката Златен медал „Синиша Дашиќ“.
Награда „Златен витез“ на Меѓународниот фестивал во Москва во 2015 година.
Најдобра претстава по избор на публиката на Фестивалот на малите театарски форми, Заечар 2023 година. На истиот фестивал Весна Станковиќ ја добила специјалната награда за најдобра актерка.