Фото: Институт за медиуми и аналитика

Во нашата земја, со Законот за радиодифузна дејност од 1997г.за прв пат беа гарантирани правата на етничките заедници во медиумската област. Во чл.45 од овој Закон пишува дека МРТ има обврска да емитува и програма на јазиците на етничките заедници. А со Законот за радиодифузна дејност од 2005г. во член 83, радиодифузерите беа општо обврзани и да ги титлуваат програмите на јазиците на етничките заедници.

Во врска со МРТ, со Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2013г. – во Член 64 став 1 е предвидено – Радиодифузерите да ја емитуваат програмата на македонски јазик, а во случаите кога програмата е наменета за заедница која не е во мнозинство, да се емитува и на јазикот на заедницата.

Од 2016г. Радиодифузерите се обврзани дневно да емитуваат најмалку 50% програма изворно создадена во Македонија, а МРТ 60% изворна програма  на македонски јазик или на јазиците на немнозинските заедници кои живеат во Македонија. 

Во член 107 стои дека МРТ обезбедува најмалку еден радио и еден телевизиски програмски сервис преку сателит или интернет наменет за иселениците. Во моментов на МТВ постои еден Сателитски канал на македонски јазик и еден на албански јазик, но нема Сателитски канал и на јазиците на заедниците, па најчесто, за значајни настани на етничките заедници, уредниците на Редакциите кои подготвуваат емисии на јазиците на заедниците се обраќаат до двата Сателитски канали за да им отстапат простор да емитуваат програма за иселениците припадници на етничките заедници.

Од април 2020 год. е отворен посебен канал МТВ4, за програмите на немнозинските заедници. Од тогаш редакциите на влашки, српски, ромски и босански јазик имаат по три емисии дневно, а не три емисии неделно како што беше порано. Но бројот на новинарите остана ист, така што и за три емисии неделно како што беше порано, и за 21 емисија неделно како што е во моментов, во овие редакции работат генерално по 3 новинари. Порано имавме еден снимател и еден монтажер за 3 емисии неделно, а сега имаме исто еден снимател и еден монтажер, но за 21 емисии неделно. Недостасува и технички персонал, снимател ни доделуваат од кадарот што е на план з снимање на настани на МТВ1, и тоа само доколку е слободен снимателот во тој момент, при што продуцентите најчесто знаат да ни кажат дека приоритет им е МТВ1, а вопшто немаме продуцент и секретарка. Значи, програмата е зголемена, но ситуацијата со новинари и технички кадар е уште по влошена. Затоа сме принудени многу често да ги репризираме емисиите, а факт е дека овие редакции се формирани токму за промовирање, афирмирање и унапредување на јазикот, културата, традицијата, обичаите, фолклорот и се она што е обележје на нашите заедници. Со отварањето на Канал 4 на МТВ од една страна се направи чекор напред бидејќи се прошири програмата на зедниците, а од друга страна се направи чекор назд бидејќи условите за работа се незадоволителни. Поради недостиг на финансиски средства, одењето на службен пат речиси е укинато, само одвреме-навреме некој од новинарите ќе отиде да снима надвор од Скопје и така постепено се сведуваме на скопски редакции кои најчесто информираат за настаните во Скопје. Уште еден апсурд со кој се соочуваме е и тоа што емисиите се во траење од 30 минути, така што кога имаме интересна и значајна тема, ние не можеме да емитуваме емисија од еден час, што не беше случај порано.

Во минатото, МТВ спроведуваше анализа за гледаноста на програмите на сите канали, со помош на специјализирани агенции кои поставуваа пиплметри во домовите на гледачите. Во тој период емисиите на јазиците на заедниците се емитуваа после пладне, во период кога голем дел од луѓето се на работа, па затоа гледаноста на овие емисии беше мала. Но тие анализи покажаа дека за време на викенд и за време на празниците, кога луѓето не одат на работа, документарните и музичките емисии на влашки јазик имаа гледаност дури и над 30.000 гледачи што зборува дека емисиите на јазиците на заедниците пробудуваат интерес кај гледачите.   

 

Со цел поефикасно информирање на јазиците на заедниците, упатуваме:

1) Препораки за МТВ4,

2) Препораки за останатите национални телевизии,

3) Препораки до локалната самоуправа и

4) Препораки за централната власт.

 

1. Препораки за редакциите за емисиите на немнозинските заедници при МТВ4:

 

а) да се зголеми бројот на вработените новинари во секоја редакција,

б) да се зголеми бројот на техничкиот персонал, сниматели, монтажери, тонци, режисери, продуценти,

в) да се обезбеди студио за снимање на дебатни емисии, емисии од забавен карактер, музички емисии итн,

г) да се обезбедат средства и соодветен кадар за превод и титлување на емисиите,

д) да се обезбеди посебен годишен буџет за Редакциите на немнозинските заедници,

ѓ) од понеделник до петок емисиите нека останат во траење од по 30 минути, но во сабота и недела, термините за двете попладневни емисии нека бидат споени и така ќе имаме можност да емитуваме и емисии од еден час (секогаш сме принудени да бараме термин од редакцијата која пред или после нас има емисија).

е) Волонтирање на млади студенти по новинарство кои припаѓаат на немнозинските заедници, бидејќи факт е дека просекот на годишна возраст на новинарите во овие редакции е околу 50 години.

Но, освен Редакциите за емисиите на јазикот на етничките заедници при МРТ кои информираат за настаните на соодветната етничка заедница, немнозинските заедници имаат голема потреба од промовирање на своите настани и на останатите национални телевизии како што се ТВ Телма, Канал 5, Сител, ТВ Алфа, кои многу ретко ги следат настаните организирани од страна на невладините организации на етничките заедници, а уште поретко покануваат гости експерти од немнозинските заедници кога станува збор за некоја актуелна тема во самото општество. Најчесто гостувањето на претставниците на немнозинските заедници на овие национални медиуми е по линија на некои лични контакти, кога самата зедница бара да биде учесник во емисијата, а многу ретко тоа гостување е на иницијатива на самата национална телевизија.

Во периодот од 2012 до 2015 г. беа направени неколку анализи во врска со информирањето на немнозинските заедници на својот мајчин јазик, така што во анализата од 2013г под наслов “Анализа за правата и известувањето за етничките заедници во медиумската сфера на Република  Македонија” пишува дека “во мај 2013 година, во приватниот радиодифузен сектор имало вкупно 66 телевизии и 80 радиостаници. Од нив, 20 телевизии и 17 радија емитуваа програми на јазиците на етничките заедници”. Во тој период немаше ниту една програма на приватна телевизија на влашки и на српски јазик и ниту едно приватно радио не емитуваше програма на влашки јазик.

Според податоците на Советот за радиодифузија, во 2011 година ниту едно локално трговски радиодифузно друштво не емитувало програма на бошњачки и влашки јазик. Ниту една локална или регионална приватна телевизија не емитува програма на српски и влашки јазик.

Во анализата по повод 6 години од усвојуваето на Законот за употреба на јазиците, се вели дека треба да се воспостави соработка со медиумите со цел пласирање содржини на повеќе јазици. За таа цел, предлагаме:

 

2.    Препораки за останатите национални телевизии (ТВ Телма, Канал 5, Сител, ТВ Алфа):

 

1) Медиумите да бидат простор за размена на информации меѓу самите заедници, институциите, иневладиниот сектор со цел идентификување на проблемите, обезбедување навремени информации од значење за немнозинските заедници за подобрувањње на интеркултурниот диалог и афирмирање на различностите низ медиумите.

 2) Заедничка продукција на емисии меѓу новинари од мнозинската и немнозинските зедници кои се однесуваат на претставување на различностите кај етничките заедници во државата, со цел подобро меѓусебно запознавање.

3) Користење на социјалните медиуми (онлајн медиуми и порталина јазиците на заедниците)

4) Титлување на емисиите на јазиците на заедниците

5) Поголема промоција на програмите на етничките заедници, за поголема гледаност на емисиите на немнозинските заедници.

6) Национални телевизии да дадат иницијатива за подготовка на емисии за сите етнички заедници, бидејќи програмите на етничките заедници на МТВ4 се гледани, но не толку колку што се гледани програмите на останатите национални телевизии.

7) Формирање Фонд за доделување на награди за медиумите кои објавуваат професионални приказни за немнозинските заедници. 

3.     Препораки до локалната самоуправа

·       Да се поддржат мерки во насока на зголемување на емитувањето радиопрограма на локалните радиодифузни друштва на јазиците на заедниците во оние општини каде припадниците на заедниците живеат во значителен број.

·       Да се поддржат мерки во насока на зголемување на емитувањето телевизиска програма на локалните приватни телевизии на јазиците на заедниците во оние општини каде припадниците на заедниците живеат во значителен број.

 4.        Препораки до државните власти на централно ниво

·       Соодветно да се поддржат со финансиски, човечки и технички ресурси програмите и редакциите во јавниот радиодифузен сервис на јазиците што ги зборуваат немнозинските заедници.

·       Да се развијат мерки во насока на зголемување на емитувањето радиопрограма на трговските радиодифузни друштва на јазиците на заедниците.

·       Да се развијат мерки во насока на зголемување на емитувањето телевизиска програма на регионалните приватни телевизии на јазиците на заедниците, а посебно на српски и влашки јазик.

·       Државата, да преземе дополнителни мерки на поддршка на издавањето на пишаните медиуми на јазиците на помалубројните заедници во РМ.

·       Со Законот за изменување и дополнување на законот за медиуми од 22 април 2025г е предвидено основање и онлајн медиуми и интернет портали. Тоа би требало да се однесува и за онлајн медиуми и интернет портали и на јазиците на немнозинските заедници

Сето ова укажува дека потреба за проширување на можноста за отварање и други медиуми на јазиците на заедниците постои, но за тоа е потребна подршка од Владата и сите релевантни државни институции кои се занимаваат со правата на немнозинските заедници.

м-р.Јана Михаилова    

Уредник на Влашка редакција при МТВ4

Претседател на ЗПХ ИНТЕГРА НАУ

 

Преносимо интегртално на македонском обраћање Јане Михаилове на панел дискусији - поводом Међународног дана права мањина у организацији Форума мањинских заједница у Северној Македонији одржаног на Међународном балканском универзитету LOFT, у Скопљу, 18. децембра 2025.