Српскиот културно-информативен центар „Спона“ го заврши циклусот книжевни средби и работилници „Паралели и синтези: Рецепцијата на современата македонска книжевност“ со трибина во чиј фокус беа дела од осум современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија со превод на српски јазик.

Трибината со наслов „Остварувања и предизвици“ се одржа во Културно-информативниот центар во Скопје. Модератор на трибината беше Иван Антоновски, кој ги модерираше и книжевните средби и работилници во рамките на проектот „Паралели и синтези“, а осврт на оствареното даде програмскиот директор на „Спона“, книжевникот Милутин Станчиќ.

На трибината учествуваа македонските автори Иван Џепароски и Фросина Пармаковска, како и новинарот Тони Димков, додека од Србија учествуваа Мирко Демиќ, Марица Гроздановиќ-Милошевиќ, Милутин Ѓуричковиќ и Јелена Макевиќ, лекторка по српски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

– Делумно ги обработивме афирмираните македонски писатели, меѓутоа мислам дека имавме убав, длабински прочит и на генерацијата помлади автори со што се стекнавме и добивме нов поглед, па и стимуланс, поттик за ново читање и знаење, со увереност дека будно се следат новите автори и дека даваат нов материјал и квалитет на книжевната сцена – рече, меѓу другото, Милутин Станчиќ.

Лекторката по српски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Јелена Макевиќ, истакна дека е важно да се чита и да се разговара меѓусебно, додека за проектот „Паралели и синтези“ рече дека е врската што ги спојува двете книжевности. Српскиот автор Мирко Демиќ, кој се обрати преку видеоврска, рече дека порано имало многу посериозен пристап во селекцијата и преводот на делата од македонски на српски јазик и тогаш се работело многу посистематично и постудиозно. Во последно време сето тоа се случува спорадично и се преведува само тоа што може да се продаде.

Професорот Иван Џепароски се потсети на времето кога преводите на делата се одвивале по систематичен пат, а во последниве години тоа било оставено на личните контакти и комуникација. Своевремено прво се појавувале извадоци од книгите во литературните списанија, а потоа се преведувале и цели книги. Во отсуство на систем, Џепароски посочи дека сега книжевните фестивали се местата каде што се воспоставува комуникација и се договараат преводи, но повторно тоа е оставено на лични контакти.

Писателката Фросина Пармаковска зборуваше за потребата да се формира Агенција за книга, која би требало да внесе ред и систематичност во преводот на делата од македонски автори на други јазици, но и потенцираше дека досега имало повеќе иницијативи, а немало никаква реакција од културниот систем. Таа додаде дека има многу автори чии дела заслужуваат да бидат преведени на други јазици, но додека не се формира систем кој ќе креира политики за систематичен пристап во преведувањето, авторите самите ќе се снаоѓаат околу преводите на други јазици.

Во однос на застапеноста на поезијата и прозата како преведена литература професорот Џепароски истакна дека поезијата е кралица на книжевноста, но таа е жртвувана кралица, бидејќи книгите со поезија не носат профит за издавачите. Затоа на светскиот пазар на книги во последниве педесетина години доминира прозата.

Причините за тоа тој ги гледа во фактот што поезијата треба да има и метафора и ритам и рима и треба да носи симболика. Поезијата не е јазик на секојдневниот живот и затоа нејзиниот превод, односно препев е многу потежок и бара многу повеќе време, а на крајот останува отворено прашањето колку книги ќе бидат продадени, заклучи Џепароски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 313, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.12.2025)